RSS
Добредојдовте! Ова е официјалниот блог на театарската трупа „Словото“. Дознајте за најновите проекти, а воедно присетете се на старите добри спомени.

Членови на „Словото“ учествуваа во промоцијата на поетската книгата „Песната на ѕвездите“



„Песната на ѕвездите“ е насловот на најновата поетска книга на писателката Нада Алексоска од Велес. Таа вчеравечер беше промовирана пред велешката публика во градската библиотека „Гоце Делчев“. 


Збирката поезија се состои од 39 песни распоредени во пет циклуси во кои авторката мошне едноставно и разбирливо пишува за вистинските вредности на животот. Преку изразени стилски фигури, компарации и метафори, Алексоска со стиховите не враќа во минатото, низ велешките маала и сокаци, опишувајќи го на мошне впечатлив начин соживотот, почитта и љубовта кон ближниот.


„Поетесата прошетува низ дворовите, заскитува низ сокаците на својот град, низ велешките маала, да го побара времето и животот што некогаш бил. Се враќа на детството и младоста, да побара пријателство, доверба, соработка затоа што денес живееме во еден урбан свет, затворени во сопствениот дом во висококатниците, непознавајќи го соседот. Таа трага по времето кога почитта и љубовта беа вредни човечки особини“, рече проф. Др. Васил Тоциновски.

„Најважно ми е читателите да ме разберат преку стиховите во книгата, да се соживеат и да се пронајдат себе си. Пораката што сакам да ја испратам е пред се да бидеме среќни, хумани, да им посакуваме добро на сите луѓе и да им се восхитуваме на оние кои заминале“, рече поетесата Нада Алексоска.
На синоќешната промоција стихови од стихозбирката читаа членови на театарската трупа „Словото“.
Инаку ова е втора збирка поезија на Алексоска, професорка во пензија, која во својот досегашен творечки опус има напишано четири книги. Во 1999 година ја издава монографијата „Смилан Гриовски-агентот на ЦИА“, во 2009 година ја издава книгата „Кога душата говори“ и во 2013 година излегува од печат нејзината збирка раскази „Под сенката на брезата“.
Љубителите на поезијата, стихозбирката на Нада Алексоска ќе можат да ја набават во книжарницата „Пепелашка“ и во Здружението на пензионери во Велес.
превземено од дума.мк

0 comments:

Post a Comment

 
Copyright 2009 Словото. All rights reserved.
Free WordPress Themes Presented by EZwpthemes.
Bloggerized by Miss Dothy