Средношколецот Александар Арсовски од Велес е дел од актерската екипа во драматизацијата „Мозаикот на Велес“. Во претставата тој игра три лика, фотографот Јозеф Секељ, Гоце Делчев и еден комичен лик од пазарот на стар Велес. Најголема возбуда кај него предизвикал ликот на Гоце Делчев но и најголема одговорност како што вели, на автентичен начин да го долови животот и делото на еден македонски јунак кој се борел за слободна Македонија.
„Тоа е еден наш јунак, наш херој и ми претставува голема чест да го играм прв пат на театар, да ги претставам неговите доживувања, односно да се ставам јас на негово место како живеел и дејствувал тогаш во Бугарија, каде заедно со Васил Главинов и сите други останати јунаци се обидувале некако да се изборат за Слободна Македонија, рече Арсовски.
Драматизацијата „Мозаикот на Велес„ ја сочинуваат девет приказни кои го прикажуваат историското минато на Велес во изминатите пет ипол века. Тие меѓу себе се поврзани, го опишуваат животот на познати и непознати ликови од велешката чаршија и велешките сокаци, испреплетени со тажни и комични ситуации.
„Тука е приказната за Миле Поп Јорданов, Васил Главинов, за Ленка и многу други ликови. Квалитетот на претставата е токму во таа мултимедија. Ќе видите преку звук, светло, видео проекцијии, проекција на стари фотографии. Сакаме да го опишеме се она што се случувало во Велес во времето од неговото настанување па се до ослободувањето во 1944 година. Тоа се реални случки од животот во минатото на Велес и се надевам дека претставата ќе биде интересна за сите возрасти на граѓани,“ рече авторот на драматизацијата Љупчо Данов.
Драматизацијата ќе ја изведат членовите на драмската трупа „Словото“. Тоа се петнаесет млади вљубеници во театарската уметност инаку ученици во основните и средни училишта во градот. Режијата е на актерката Весна Димитрова Бобевски.
„Јас се гордеам со оваа екипа на деца кои во претставата се трансформира во повеќе ликови. Тоа е навистина тешко и за професионални актери, да влезат со трансформација од еден во друг лик, а не за аматери како нив. Но, ќе видите утре, не сум претенциозна, како тие навистина успеваат во улогите на ликовите кои што ги толкуваат особено што извадија добри карактери. Во преговори сме со Фестивалот на аматерски претстави во Кочани и најавено е доаѓањето на селектрот, актерката Ѕвезда Ангеловска. Фестивалот е заинтересиран за автентичен македонски текст, за прв пат изведуван а тоа го содржи оваа наша претстава,“ рече Димитровска.
А токму поради претставата се чувствува професионална возбуда кај сите млади актери. Тие денеска говореа како вистински професионалци. Очекуваат да прикажат се што заедно со режисерката работеле во изминатите шест месеци, да прикажат десетици ликови и уште толку настани и случки во родниот град.
„Да бидам искрен кога почнавме да работиме на претставата си велев ова ќе биде досаден процес. Но после втората, третата проба свативме дека ова за нас ќе биде голем актерски предизвик,“ рече Кристијан Јорданов.
„На утрешната премиера очекуваме публика. Посакуваме да дојдат што поголем број на велешани за да се запознаат со својата историја, нешто што до сега не го занеле,“ рече Александар Шалев.








0 comments:
Post a Comment